Денес е петок, 19 април 2024
ПочетокАнимеDeath Note - Манга рецензија од PARAGONS

Death Note – Манга рецензија од PARAGONS

IF KIRA GETS CAUGHT, HE IS EVIL. IF KIRA RULES THE WORLD, HE IS JUSTICE.

Death Note е еден од најпознатите манга серијали, и од сите стрипови кои ги имам прочитано, овој е дефинитивно нај-overrated. Don’t believe the hype! Ова ќе биде најдолга рецензија до сега бидејќи сакам детално да ви доловам зошто мислам така.
На кратко, автор на Death Note е Tsugami Ohba, a илустратор е Takeshi Obata. Иако била серијализирана во Weekly Shonen Jump, оваа манга е далеку од класичен шонен. Приказната го следи тинејџерот Light кој сосема случајно наоѓа тетратка (death note) која може да убие секого чие име ќе биде запишано во неа. Light, кој е карактер со 200 IQ, се одлучува да ја користи тетратката за мир во светот, а тоа го прави преку убивање на сите криминалци чие име може да го дознае.Негативецот (или протагонистот, зависи како го толкувате) е L, детектив со 200 IQ, кој пробува да го надмудри, открие, и затвори Light

Приказната е наративно поделена на 2 дела, и тоа првите 58 чаптери го сочинуваат првиот дел, а останатите 50 чаптери вториот дел. Првиот дел е доста добар, додека вториот дел е бајаги лош. Колку за компарација, првиот дел го прочитав во 5 дена, а вториот го читав 2 месеци, и тоа не бидејќи немав време. Ако не планирав да ја пишувам рецензијава, веројатно никогаш немаше да го дочитам. Но, за негативностите, малку подолу во текстот. Споредбено со другите „пореалистични“ популарни манга серијали (Monster, 20th Century Boys, итн.) цртежот е класи подобар. Сите карактери се одлично нацртани, секоја позадина е исполнета, навистина страниците изгледаат прекрасно. Приказната во првиот дел е исто така феноменална и одлично осмислена. Ликовите во првиот дел се толку добри што во ниеден момент не можеш да претпоставиш кој кого ќе надмудри следно, и уште поважно, кој од Light и L ќе победи. Во вториот дел пак, ликовите се бледа копија на оние од првиот дел – помалку паметни и многу подосадни.
И тука почнуваат негативните елементи. Мангата има „многу текст“. Имајте во предвид дека ова го кажувам како некој кој кога чита стрипови, најважен елемент му е приказната, и генерално што повеќе текст, тоа повеќе ми се допаѓа стрипот. Меѓутоа, ова со Death Note е претерано. Над 90% од текстот се „размислувања“, односно монолози на ликовите, суштинскиот дијалог е занемарлив, и за (буквално) секоја најмала работа авторот дава 10 параграфи објаснување начачкано во 3 панели. Всушност, авторот очајно го третира читателот како подпросечно интелигентен и не дозволува во никој момент нешто да се „подразбира“ или да остане некажано, а алудирано „меѓу редови“. Иако овој проблем е забележлив и во првиот дел, тука некако проаѓа бидејќи целосната приказната е добра со едно чудо пресврти. Во вториот дел, ова брзо станува сериозен проблем бидејќи: приказната е лоша; новите ликови се лоши; старите ликови се забележливо поглупави; пресвртите се дури и смешни; има уште повеќе текст, а помалку смисла… Да го ставам муабетов во контекст, на интернет има информација дека вториот дел од Death Note воопшто не ни бил планиран во оригиналната приказна. Поради успехот на првиот дел, под притисок од директорите на Weekly Shonen Jump, авторите избрзале и направиле втор дел кој е далеку полош од првиот дел, и нема никаква поента за негово постоење. Не знам колку оваа информација е вистинита, ама прави доста смисла. Дополнително, додека се нервирав читајќи го вториот дел, некои пријатели ме советуваа наместо да го читам, да го гледам анимето. Таму наводно се крателе овие непотребните монолози, и вториот дел бил скоро дупло пократок. Со ова, разбирам зошто луѓето кои го имаат гледано само анимето немаат толкав проблем со вториот дел од приказната. Се разбира, не ги послушав и ја дочитав мангата.

Како целина, Death Note не е во никој случај лоша манга. Имајќи го во предвид првиот дел и малку подзаборавајќи го вториот, би рекол дека е и надпросечна. Кога го споделив моето мислење со пријатели кои се големи фанови на Death Note, сите реагираа исто. Најпрво велат: „Еј како бе не ти се свиѓаше? Прејако е…“ и кога ќе им го спомнев вториот дел, тогаш велеа „Добро, да, вториот дел е многу досаден, ама првиот е прејак…“. 
За мене, ако 45% од даден стрип е „многу досаден“, тогаш тој стрип не може да биде врвен. Затоа, давам 3 оценки, за двата дела посебно и за Death Note како целина.

Death Note Part 1: 8/10

Death Note Part 2: 2/10

Death Note: 5/10

Рецензија напишана од Војдан Андонов од @paragonscomics.

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ