Денес е недела, 23 јуни 2024
ПочетокСтриповиThe Vision – Стрип рецензија од PARAGONS

The Vision – Стрип рецензија од PARAGONS

“The Vision” е Eisner победнички серијал од 12 изданија напишан од еден од најдобрите сценаристи во моментов, Tom King, и илустриран од Gabriel Hernández Walta. Серијалот почнува сосема неочекувано, кога херојот Vision кој на сите ни е познат од Marvel филмите, одлучува да започне своја фамилија, направени да бидат андроиди како него, и да најде мир во хаотичниот свет на супер-хероите на Marvel.

Vision не е популарен како другите херои и ретко кога тој бил централна фигура на некоја приказна. Повеќето од времето е позадински лик кој помага како дел од тимот на Avengers. Пред неколку години доби шанса да биде присутен на големите екрани во филм универзумот на Marvel, но и таму не беше разработен како главен лик, туку како некој кој поседува еден од The Infinity Stones (прочитајте ја нашата рецензија за стрипот „Infinity Gauntlet” ТУКА). Tom King преку оваа приказна успева да претстави нова страна на ликот, не само преку лична интроспекција на Vision, туку и преку екстроспекцијата на тоа како целиот свет ја гледа неговата фамилија и таквите како нив.

Tom King е мајстор кога станува збор за деконструкција на неговите ликови. Споредбено со блескавата репутација која ја имаат скоро сите ликови во хероите на Marvel, тој ти гради своите ликови да се што почовечки, со сите свои добри и лоши карактеристики. И во оваа графичка новела тој успева да го најде балансот, помеѓу анализа на мрачноста на карактерите и поставување на семе со нова надеж за подобрување. За разлика од другите приказни каде неговиот стил резултира на тортура на ликот без милост (“Batman”, “Rorschach” – Рецензијата е достапна ТУКА) или уништување на ликот во процес на продлабочување (“The Human Target”), во оваа приказна надежта е клучен играч. Tom King поставува силни и актуелни филозовски и социјални прашања во серијалот: Дали робот може да се вклопи во општеството? Дали ќе биде прифатен и која е границата на прифаќање? Што е всушност смрта? За секое прашање е дебатирано од логичка и емотивна преспектива на ликовите, преку цртежите на Gabriel Hernández Walta кои се целосно исполнети со немир и тишина. Серијалот во секој момент те тера да размислуваш на тоа што би можело да се случи следно.

“The Visionе феноменален стрип. Единствена мала замерка, која не верувам дека би претставувала проблем за повеќето читатели, е спориот pacing на приказната. Дејствата се базираат на дијалог наместо акција, поради што поспоро се развива нарацијата. Приказната дефинитивно не е за почетни љубители на Marvel кои бараат некоја класика во супер-херојските стрипови. Но, за некој кој можеби му е смачено од акција и безгрешни супер-херои, ова е правиот стрип за нив. Според мене, “The Vision” е модерна класика и еден од најдобрите серијали од последните 10 години, поради што топло ви го препорачувам на сите.

Оценка: 9/10

Рецензијата е напишана од Марко Кузмановски.

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО