Денес е недела, 21 јуни 2026
ПочетокКосплејМакедонија ја освои првата титула на Ultimate Balkan Cosplay Championship

Македонија ја освои првата титула на Ultimate Balkan Cosplay Championship

Историски успех за македонската косплеј сцена и победа на Ивана Костадиновиќ (Ivy Ghoul)

Оваа година македонската косплеј заедница забележа значаен успех на регионалната сцена. По националниот избор организиран од Pagoda, Ивана Костадиновиќ (Ivy Ghoul) ја претставуваше Македонија на Ultimate Balkan Cosplay Championship (UBCC), каде што го освои првото место и ја обезбеди првата победа за земјата на ова натпреварување.

За многумина косплејот сè уште претставува само „маскирање“, но зад секој костим стојат стотици часови истражување, дизајн, кроење, моделирање, изработка на реквизити, шминка, перформанс и сценска подготовка. Во светски рамки, косплејот одамна е препознаен како комплексна креативна дисциплина која комбинира поп-култура, дизајн, сценска уметност, занаетчиство и кретаивност. Илјадници косплеери ширум светот изградиле успешни кариери токму преку оваа форма на уметничко изразување.

За жал, во Македонија косплејот сè уште се соочува со бројни предизвици. Иако заедницата постојано расте и привлекува нови млади ентузијасти, поддршката останува ограничена. Недостасуваат спонзори, институционална поддршка и пошироко разбирање за вредноста на ова креативно изразување. Наместо признание за вложениот труд, косплеерите честопати се соочуваат со потценување, предрасуди и неразбирање на нивната работа.
Токму затоа оваа победа има особено значење. Националниот избор за македонски претставник на голема меѓународна поп-културна конвенција беше организиран со цел да покаже дека косплејот заслужува внимание, почит и инвестиција. Успехот на Ивана Костадиновиќ претставува доказ дека македонските косплеери не само што можат достојно да ја претставуваат својата земја, туку и да триумфираат на регионалната сцена меѓу најдобрите натпреварувачи од Балканот.

Pagoda упатуваат искрена благодарност до компаниите Netaville и Anhoch, кои беа меѓу ретките што го препознаа потенцијалот на овој проект и одлучија да го поддржат. Голема благодарност и до партнерите од comics.mk и Дебели Гикови, кои веруваа во иницијативата од самиот почеток.
Посебна благодарност заслужуваат и македонските судии Давид Ристовски, Симон Шоклевски и Чејс Караевски за изборот на исклучителен национален претставник, како и меѓународното жири на UBCC за професионалната и објективна евалуација.
Натпреварувањето беше организирано во рамки на Urusai Con, една од најголемите конвенции за поп култура во регионот, која трета година по ред се одржува во Белград и привлекува илјадници посетители, креатори, уметници и меѓународни гости од светот на анимето, стрипот, гејмингот и косплејот.
Годинешното издание на конвенцијата се одржа од 11 до 14 јуни, а Pagoda беше присутна како делегација што го придружуваше македонскиот претставник на UBCC, но и активно учествуваше во програмата на фестивалот преку уште две едукативни и културни активности.
Членките на организацијата, Тања и Соња Блажевски, одржаа панел-дискусија и предавање на тема „Модата и анимето“, посветено на влијанието на јапонската поп-култура врз современите модни трендови, супкултури и креативни индустрии. Истовремено, хоби-клубот на Pagoda, “Ore Wa Gundam Crew“, реализираше Gunpla работилница, посветена на јапонското хоби за составување пластични модели инспирирани од франшизата Gundam, претставувајќи уште еден аспект од богатата јапонска поп-култура пред регионалната публика.
Со своето присуство и активности на конвенцијата, Pagoda покажа дека Македонија има талентирана и активна заедница која може рамноправно да учествува во регионалните и меѓународните поп-културни настани.

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ