Денес е недела, 25 февруари 2024
ПочетокСтриповиRorschach – Стрип рецензија од PARAGONS

Rorschach – Стрип рецензија од PARAGONS

THE WORLD IS NOT WHAT IT SEEMS. IT’S NOT WHAT YOU SEE WITH YOUR EYES, OR WHAT YOU READ IN THE PAPERS, OR WHAT YOU HEAR ON THE RADIO. IT’S SOMETHING DEEPER, SOMETHING DARKER, SOMETHING MORE…RORSCHACH.

Добредојдовте на „јубиленјната“ десетта рецензија од колективот Paragons. Симболично, за оваа десетта рецензија се одлучивме да ви презентираме стрип кој претставува чиста 10ка за оние од нас што го имаат прочитано . Станува збор за стрип серијалот „Rorschach”, напишан од Tom King, и илустриран од Jorge Fornés. „Rorschach“ е приказна која се случува во сегашноста, неколку децении по настаните од веројатно најславниот стрип на сите времиња – „Watchmen” од Alan Moore и Dave Gibbons, иако малку е поврзан со тие дејствија. Најпрвин кога го купив овој стрип (поздрав до нашите пријатели од Академска Книга), немав високи очекувања, земајќи во предвид дека едно друго продолжение на Watchmen универзумот – серијата „Watchmen“ на HBO, беше ужасна. Но, Tom King како Tom King, успеа повторно позитивно да ме изненади.

„Rorschach” е детективска приказна за идеалите и поларизацијата во америчкото општество. За тоа како некои луѓе се спремни да направат сè за да добијат и останат на власт. Дејствието почнува со неуспешен атентат врз републиканскиот кандидат за претседател на САД, кој по неколку претседателски мандати на демократите, влегува во блиска трка да им ја одземе власта. Обидот за атентат го прават двајца, Rorschach и уште една девојка, кои се убиени на лице место пред да успеат да го пукнат кандидатот на републиканците. Свесни дека Rorschach не е Rorschach, републиканците најмуваат независен детектив за да открие и прибере докази за тоа зошто, како, и кој им овозможил на девојката и партнерот да дојдат толку блиску до нивниот претседателски кандидат. 

Детективот ја патува цела Америка и полека ја открива историјата на двајцата атентатори, пробувајќи да ја открие мистеријата позади нив. Преку неговите патувања и откритија, Tom King феноменално ги разголува американските „традиционални“ вредности на фамилија, слобода, демократија, право на поседување огнено оружје, правото на домашно школување (home-schooling), и многу, многу други. Овој стрип серијал е сѐ она што пробуваше да биде катастрофалната серија „Watchmen” на HBO, со разликата дека графичката новела “Rorschach” е напишана од човек кој ја разбрал пораката и филозофијата позади карактерите од стрипот „Watchmen”.

Од цртежот, до карактерите, до дијалозите, до акцијата, до самиот крај, оваа графичка новела е 10/10. Единствено нешто што можеби би претставувало маана за некои читатели е токму критиката на „традиционалните“ вредности. Сепак, доколку човек има барем малку осет за добра литература, филм, итн. – знае дека не мора да се согласи со пораката за да оцени дека е добро пренесена, и ќе му биде јасно дека критиките се издржани. Поради сѐ ова, топло ви го препорачувам стрипот Rorschach, прочитајте го – дефинитивно нема да зажалите!

Оцена: 10/10

Рецензијата е напишана од Војдан Андонов.

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ