Денес е петок, 19 април 2024
ПочетокПоп КултураЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со организаторите на Нихон-Џи 2.0 - Единствениот фестивал за јапонска...

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со организаторите на Нихон-Џи 2.0 – Единствениот фестивал за јапонска култура на 27-ми мај во „Мала Станица“

Оваа сабота, сите љубители ќе се обединиме на едно место, а Скопје ќе блеска во Неонски Бранови!

Најава за овогодинешниот фестивал:
За прв пат, минатата година, домашната публика од сите генерации беше раздвижена од дебитното издание на еден поинаков фестивал, налик на светските субкултурни конференции.
Фестивалот за јапонска култура, наречен „Нихон-џи“, привлече голем број на посетители од сите сегменти на заедницата, и на огромно задоволство на  организаторите, поттикна и уште едно, подобрено и пообемно издание кое оваа година ќе се одржи на 27-ми мај во Национална галерија Мала станица – Скопје.
За „Нихон-џи 2.0 – Неонски бранови“, неформалната организација на јапан@мк подготви уште побогата програма, овојпат, фокусирајќи се на мноштвото контрадикции кои ги содржи јапонската култура, а кои сепак симбиотично и беспрекорно функционираат заедно креирајќи одличен рецепт за успех.
Членовите на japa@mk
Токму поради тоа, и ова издание ќе биде исполнето со содржини за сите вкусови на публиката.
Публиката ќе има можност да проследи презентации и работилници поврзани со традиционална и поп-култура и панели на сериозни општествени и филозофски теми, и технологија.
Присутните ќе уживаат во забавни дебати предводени од членови на дебатниот клуб МОФ и квизови организирани од волонтерите на фестивалот за аниме љубителите. Особено атрактивен е и гејминг делот во чии рамки ќе се одржат два турнира, катче за друштвени игри и бројни други изненадувања.
Програмата на Нихон-џи 2.0 ќе биде дополнително збогатена со читање на хаику поезија на македонски хаику поети и музички настапи во живо на Елена Христова, музичкиот состав Maribosi и DJ сет на Andrea Hz.
Публиката ќе ужива во презентација на модни креации на познати современи македонски дизајнери и студенти на Факултутетот за мода и дизајн инспирирани од јапонска мода и традиционална облека.
Две простории во Мала Станица ќе бидат облагородени и со две уметнички изложби, од кои во едната ќе бидат претставени дела од реномирани македонски уметници, а другата ќе прикаже дела на младите креативци кои се пријавија на отворениот повик.
Посетителите ќе имаат прилика да си понесат и нешто со себе од продажниот дел на фестивалот каде ќе бидат изложени изработки, книги, манга, облека инспирирани од јапонска култура. Уште едно специфично искуство на фестивалот е приликата да се дегустираат различна јапонска храна и пијалоци.
Целосната програма на фестивалот – https://japan.net.mk/portfolio-item/nihon-ji-2-timetable/
Минатогодишното еднодневно фестивалско издание на Нихон-џи (Притиснете тука) се одржа во Јавна Соба, привлече околу 2.000 посетители од сите возрасти и вклучи речиси 150 учесници кои ја воодушевија публиката со бројни работилници, изложби, панел дискусии, поезија, презентации, проекции, концертни изведби, гејминг турнири и богата продажна секција на производи инспирирани од јапонската култура.
Сите заинтересирани може да погледнат фотографии, видеа или други информации за сите настани на Јапан@мк на било кој од социјалните медиуми (Instagram, Facebook, Youtube) како и на веб-сајтот japan.net.mk.

Ексклузивно интервју со Стефан и Ирма (дел од организаторите на фестивалот):
  • Како започна вашата приказна?
Ирма: Приказната на Japan@mk започнува многу одамна, односно во 2008 година, кога една друга група на луѓе организираа настани под името „Јапанорама“. Билјана Кочоска (Би), која е еден од основачите на Нихон-џи фестивалот, е еден од тие членови на заедницата која произлезе од „Слободен софтвер Македонија“. Кога слушнав за Japan@mk, тие веќе активно пуштаа филмови, документарци, аниме, организираа cosplay, преведуваа Манги на македонски јазик…
Во 2011, на кратко се приклучив со пишување на артикли на сè уште активниот блог, но по извесно време, заради приватни обврски на членовите, „Јапанорама“ премина во рацете на други организатори и доби една малку поинаква форма. Бројот на љубители на јапонска култура континуирано растеше во позадина, а оваа денешна постава на Japan@mk отсекогаш имаше желба да започне, односно продолжи со поактивна промоција на истата.
Изгледа ѝ беа потребни години на желбата да созрее во конкретна идеја, и да созрееме ние како луѓе, за да се нафатиме на еден ваков голем залак како што е Нихон-џи.
Па, така, во 2022, на први април, решивме да бидеме посериозни од било кога (иронично), и уште истата вечер се собравме јас, Би, Стефан Ристовски, Марко Николов, Тања Блажевска и Кирил Стоилков, и склопивме прв драфт план за целодневен фестивал. Во наредните два месеци го надополнувавме и усовршувавме, за на 28ми мај да дојдеме до крајниот резултат со кој се изненадивме самите себе си и си докажавме дека трудот и работата се исплатеа.
Сето тоа, вклучително и неверојатниот интерес и позитивен фидбек од публиката нè мотивираа да подготвиме и второ, побогато и подобрено издание на Нихон-џи, но овојпат со малку променета поставка на тимот, каде покрај мене, Би и Стефан, сега имаме уште два нови неверојатно амбициозни членови, Евгенија Лисичова и Јан Станков.
  • Што значи да си организатор на единствениот и најголем фестивал за Јапонска култура во Македонија?
Ирма: Исто како и организирање на било каков голем настан со друга тематика, така и организирањето на овој фестивал подразбира многу работа. Но, она што не разликува од други организации е тоа што ние сме неформална организација, група на пет другари што ова го прават како фанови за фанови, без никаква финансиска мотивација. Многу сме мали и многу „млади“ во оваа работа, иако ни е втора година по ред, и целиот процес подразбира напор, непреспиени ноќи, стрес, предизвици, правење грешки и учење од истите, но уште повеќе љубов, забава и вистинско уживање во нешто што сме сакале да го правиме отсекогаш.
Да се биде организатор на ваков голем настан, единствен од овој тип во земјата, е истовремено огромна гордост и чест, но и застрашувачки факт. Целта во суштина ни е да ја пренесеме нашата љубов кон Јапонија и да изградиме заедница која ја разбира и почитува јапонската култура. Во овој процес, исто како и лани така и сега, ни помагаат прекрасни волонтери и соработници.
Оваа година фестивалот го подготвуваме три месеци, и нашето секојдневие и време за одмор се претворени во активна работа на настанот, особено што за овогодинешното идание програмата е далеку побогата и одговорноста поголема.

  • Што претставува називот на второто издание на Нихон-Џи фестивалот?
Ирма: Темата на овогодинешното издание на Нихон-џи е „Неонски бранови“, што во суштина претставува рефлексија на јапонското културно влијание во Mакедонија и совршена мешавина од традиција и технологија. Нихон-џи е оној културен бран кој ја носи прецизноста, одговорноста, дисциплината и технолошката развиеност кон нас.
Овој фестивал е спојување на различностите и спротивностите под една заедничка цел за соработка и солидарност, и токму затоа програмата ја исполнивме со активности и учесници кои го илустрираат токму тоа.
  • Какви се возбудувања може да очекуваме на Нихон-џи 2.0?
Ирма: Возбудливо е тоа што амбасадорот на Јапонија лично ќе го отвори фестивалот со свој музички настап на гитара. Потоа, публиката ќе има можност да проследи презентации и работилници поврзани со традиционална и поп-култура и панели на сериозни општествени и филозофски теми, и технологија. Ќе имаме презентација на боречки вештини, но и забавни дебати и квизови за аниме љубителите. Особено атрактивен е и гејминг делот во чии рамки ќе се одржат три турнира, катче за друштвени игри и бројни други изненадувања.
Ќе прикажеме две уметнички изложби, од кои во едната ќе бидат претставени дела од реномирани македонски уметници, како Жарко Башески, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Љупка Делева, Дејан Спасовиќ и Златко Крстевски, а другата ќе прикаже дела на младите креативци кои се пријавиле на отворениот повик.
Стефан: Македонски хаику поети ќе читаат своја хаику поезија, а ќе имаме и музички настапи во живо на Елена Христова, џез квартетот Maribosi, но и DJ сет на Andrea Hz. Дополнително, публиката ќе ужива во презентација на модни креации на познати современи македонски дизајнери и студенти на Факултет за техничка науки – Универзитет “Мајка Тереза” инспирирани од јапонска мода и традиционална облека.
Посетителите ќе имаат прилика да си понесат и нешто со себе од продажниот дел на фестивалот каде ќе бидат изложени изработки, книги, манга и облека инспирирани од јапонска култура. Уште едно специфично искуство на фестивалот е приликата да се дегустираат различна јапонска храна и пијалоци.
  • Дали мислите дека вашата организација придонесува за развивање на Јапонската како и севкупната култура во Македонија?
Ирма: Судејќи по големата посетеност минатата година успеавме да заклучиме дека интерес за јапонска култура веќе има и тоа доста многу, особено помеѓу младите. Сакаме да веруваме дека ова што го правиме како организатори на културен настан ќе го зголеми тој интерес и ќе го постигне посакуваниот ефектот – допринос кон развивањето на културата во најопшта смисла.
Една од нашите цели, покрај ширењето на јапонската култура е лоцирање на недостатоците кои се појавуваат во нашето општесво, и да се обидеме да најдеме некакво решение преку пренесување на позитивните примери по кои Јапонија е препознатлива, како што се дисциплината, високата работна култура, високото чувство на почит кон другиот и заедницата и стремењето кон константно подобрување.
Дали тоа го постигнуваме? Сè уште е прерано да се каже, но можеме дефинитивно да кажеме дека ни е цел.
  • Какви се вашите импресии од првото издание на фестивалот кое за прв пат се одржа минатата година?
Стефан: Минатогодишното идание на Нихон-џи фестивалот помина во најдобар ред и ни беше потребно долго време да сфатиме што постигнавме. Очекувавме голема посетеност на фестивалот (бидејки јапонската зема сè поголем замав во Македонија), но не до тој степен каде што можеме да се „пофалиме” со 150 учесници и околу 2000 посетители во текот на целиот фестивалски ден.
Имавме богата програма со одлични работилници, церемонија на чај, презентации на боречки вештини, проекции, трибини, изложби, перформанси…Имавме прекрасни соработници, волонтери, донатори и спонзори
Токму заради позитивната реакција од учесниците на фестивалот кои беа задоволни од ова прво издание па се до самите посетители кои уживаа во понудената програма и бараа ова да го повториме, решивме да продолжиме со организирање на второто издание оваа година.
  • Какви се вашите очекувања за фестивалот оваа година?
Стефан: Со оглед на тоа дека обемот на програмата на овогодинешното издание е повеќекратно зголемена, а квалитетот на самиот фестивал донесен на едно повисоко и уште посериозно ниво, очекуваме повторно голема посетеност. Имаме повеќе активности оваа година кои покриваат уште повеќе различни сегменти од јапонската традиционална и поп-култура, нудиме од сè по нешто за секого, па затоа се надеваме дека бројката на посетители ќе биде и поголема од лани.
За разлика од деби изданието на Нихон-џи, во ова издание внесовме неколку нови сегменти како музичка програма со изведби во живо, изложба на реномирани уметници, дебати, аниме квиз, филмска премиера и други изненадувања со кои ја збогативме програмата и веруваме дека ќе привлечеме побројна и поразнолика публика од лани.
  • Гледајќи во иднина, кои се вашите планови и цели по кои ќе се движи Japa.net.mk?
Стефан: Како и до сега, тимот на Јапан@мк ќе продолжи со својата пасија на ширење на јапонската култура во Македонија, преку организирање на забавни настани со различна тематика низ целата година, и секако, организирање на Нихон-џи фестивалот на годишно ниво, со надеж дека ќе прерасне во една убава традиција.
Целиме кон ширење на заедницата, па затоа секој кој сака да допринесе на некаков начин, со идеја или план, е добредојден да ги сподели своите визии со нас, затоа што веруваме дека само така содржината на нашите настани може да станува побогата и поквалитетна.

Голема благодарност од тимот на Комикс МК за довербата, се гледаме оваа Сабота (27.05) во Мала Станица на Нихон-Џи 2.0!
ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ