Денес е четврток, 28 март 2024
ПочетокПоп КултураCOMICSMK Ексклузивно интервју со Никола, Matte Painter артист во втората сезона од...

COMICSMK Ексклузивно интервју со Никола, Matte Painter артист во втората сезона од The Witcher!

Влегуваме во светот на позадинското цртање, нешто кое носи визуелна вредност и е клучен атрибут во популарните филмови, серии и видеоигри!

  1. Кој е Никола Ангелкоски?

Здраво! Јас сум Никола Ангелкоски (29 години), Mattepaint/Concept артист кој работи во филмската, ТВ и гејм индустрија веќе 7 години од својот дом во Скопје, Македонија. 

2. Што значи да си Matte Painter?

Matte Painter е дигитален 2д/3д артист кој има за задача да креира пејсажи, позадини, екстензии на сетови со цел да се креира илузија на простор кој не постои во текот на снимањето на филмот.
Иако оваа професија потекнува од фотографската техника, matte painting е професија која постои во филмската индустрија уште од 19-тиот век. Некои од познатите филмови кои ја користеле оваа професија во своите филмови се: Star Wars, Titanic, Wizard of Oz, Indiana Jones итн. 
Во денешно време кога технологијата постојано оди напред, matte painting прераснува во дигитална композиција во мешавина помеѓу 2д и 3д со цел да се добие еден реалистичен пејсаж или позадина која треба да личи како да е дел од самата сцена.

3. Како започна твојата приказна во оваа индустрија/уметност?

Отсекогаш сум бил човек кој што повеќе живеел во својата глава (креирајќи светови). Филмската индустрија ме привлекувала уште како дете, но никогаш не ја најдов мотивацијата ниту пак образованието во Македонија за да го работам тоа што го сакам и некако кренав раце од тоа.
Додека студирав „Бизнис и Логистика“ некако не чувствував лично задоволство ниту пак исполнет за да ја работам таа професија и некако во текот на втората година од моите студии налетав на онлајн часови за оваа професија (филмска), и така се останато беше историја. Решив да ги напуштам студиите за да го бркам својот сон.

4. Каков беше патот до успехот, како би ни ја опишал кариерата во оваа брзорастечка индустрија?

На почетоците не ни знаев искрено како да почнам, имав само една пасија и цел дека ќе најдам начин да дојдам до неа. Се започна со Youtube и кратки туторијали за професии во оваа индустрија. Работев неколку различни професии како градежен работник, келнер и продавач на книги само за да соберам пари со цел да си овозможам соодветни курсеви за оваа професија и да дојдам до некое почетничко ниво кое што би било прифатливо за влез на ваква работна позиција.
Моето работно искуство започна во македонската фирма Фх3х како пејнт артист, каде имав чест да работам на големи проекти кои ми дадоа многу поголем увид за како се работи еден филм снимен на зелено платно и кои чекори се потребни за финализирање на една сцена во филм. За жал никогаш не добив одобрување од фирмата да објавам на сè што сум работел за тоа студио. По 2 години мојата приказна во Фх3х заврши и решив да го направам следниот чекор а тоа беше да продолжам како концепт артист.
Поголемиот дел од клиентите за кои што сум работел се интернационални, од САД, Канада, Велика Британија и Кина. Иако работното искуство повеќе се сведувало на „remote“ позиција, сепак ја имав честа да бидам повикан во Шенжен, Кина да работам на „pitch“ фаза (раните дизајни за тоа како би изгледал еден филм) за интернационален проект. 
Кога се појави Корона вирусот бев приморан да паузирам од работа и да се вратам во својот дом во Македонија. Тогаш добив покана за интервју од сегашното студио Platige Image да бидам дел од нивниот тим како matte painter, и останатото е историја. 

5. На колку филмови, видеоигри и серии имаш работено и кои од нив ги издвојуваш како драги?

Мојот прв голем проект за кој имав чест да работам беше филмот Passengers, како дел од Фx3x студиото.
Passengers (2016) - IMDb
Вкупно имам работено на 16 проекти. Дел од нив не ни можам да ги набројам поради NDA договори, но би ги издвоил. Alien: Covenant,  Netflix: The Witcher, Call of Duty: Black Ops & Cold War: Warzone и секако нашиот (македонски) краткометражен филм Construct 42. 

Alien: Covenant | 20th Century Studios

Во прилог можете да го погледнете оригиналниот Sci-Fi кратокметражен филм на Никола Ангелкоски, Construct 42.

6. Како е да се работи со најголемите корпорации/студиа во филмската и гејминг индустрија?

Искрено ова е неверојатно, возбудливо искуство. Работите и гледате како еден проект расте од почетната фаза на storyboard и concept art, до финалниот дизајн на еден трејлер или серија!
Секој ден се стекнувате со некои нови знаења и техники на работење за кои не сте ни помислиле дека имаат поголема улога. Сите заемно се трудиме да се подобриме како артисти и да најдеме начин како да си ја олесниме работата.

7. Какво е чувството да си дел од новата сезона на The Witcher во продукција на Netflix?

Иако ги немам прочитано книгите (сега тек ја почнав првата), јас сум огромен фан на серијалот од видеоигрите. Моментот кога ја најавија серијата бев премногу возбуден и нестрпливо ја очекував да излезе.
Некој да ми рекол таа година дека јас ќе бидам дел од тимот од втората сезона, ќе му се изнасмеев искрено.
Не можам да ви го доловам чувството бидејќи го напуштив факултетот за да работам во оваа индустрија. Тука го гледам мојот сон како полека е остварен, и после 7 години да си го видите вашето име во одјавната шпица е неверојатно искуство! За мене ова пртставува еден голем успех од мојот поголем пат на кој што се движам. Се надевам дека во наредните години ќе продолжам со истото темпо со кое моментално се движам и ќе достигнам повеќе успеси во оваа индустрија.
На втората сезона од The Witcher работев на четири епизоди: Family, Voleth Meir, Dear Friend и Turn Your Back. 
Целата наша комуникација се одвиваше online. Искрено на почетокот беше чудно да се работи на ваков голем проект од комфортот на вашиот дом. Сите сме навикнати на координатори над глава и постојаната бучава низ канцелариите, но искрено според мене ова беше досега можеби најпозитивно искуство.

8. Кои се твоите понатамошни аспирации во оваа извонредна кариера?

Сега за сега само сакам да работам на што е можно повеќе проекти, да соберам знаење и искуство, за кога ќе дојде време да отворам свое студио/школо каде што ќе можам да го пренесам сето тоа знаење на идните генерации.

9. Што би им препорачал на читателите на Комикс МК?

Секогаш во животот ќе имате негативни луѓе, ваша одлука е дали ќе ги послушате да се тргнете од патот кон остварување на вашиот сон. Слушајте си ја интуицијата, таа ве води кон тоа што ви е потребно да дојдете до вашата цел. 
ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ