Денес е недела, 26 мај 2024
ПочетокСтриповиTOP G: Breaking the Illusion – Стрип рецензија од PARAGONS

TOP G: Breaking the Illusion – Стрип рецензија од PARAGONS

“A COLLECTIBLE ICONIC MOMENT IN HISTORY”

Кој би рекол дека најконтроверзниот лик на 2022 и 2023 година би направил „свој“ стрип? “TOP G: Breaking the Illusion” е првиот стрип серијал од новата стрип-издавачка куќа DNG Comics која е во сопственост на Andrew Tate. До сега е излезен само првиот чаптер од околу 36 страни, а првиот негов принт кој веднаш се распродаде беше лимитирано издание чинеше енормни $97, а моменталната цена на eBay достигнува и до уште поенормни $500. За среќа, ни беа подарени 2 копии, од кои едната ќе ја урамиме и чуваме како collectible.

Пред да почнеме со позитивни и негативни критики за стрипот, важно е да усвоиме еден важен принцип кој во последно време често се заборава, а тоа е кога критикуваме стрипови (или книги, музика, идеи, итн.) да се научиме да ги изолираме делата од нивните автори и нашето субјективно мислење за нив. Може да ви се допаѓаат стриповите “Incal” и “Metabarons” од Jodorowsky, а притоа да немате убаво мислење за него. Може да не го сакате John Lennon како човек, а да го почитувате фактот дека е еден од најдобрите музичари во историјата. Може да го сакате или мразите Andrew Tate, но не смеете да дозволите тоа да ве направи пристрасни кога го читате или критикувате неговиот стрип. Неговиот стрип беше рекламиран како „повеќе од стрип” поради неговата колекционерска вредност, но јас би рекол дека стрипот го претставува сосема обратното, односно е „помалку од стрип“.

TOP G: Breaking the Illusion” наликува на аматерски стрип. Наивен цртеж и слабо сценарио. Скоро сигурно е работен од AI, а потоа поправан од артист кој не му посветил многу внимание. Очигледен показател за ова е фактот дека половина од боењето во стрипот воопшто не се поклопува со границите поставени од тушот, и сите ликови се чудни (различно деформирани) во секој панел. Доказ за ова е и тоа што ниту на кориците, ниту било каде, не е означено кој е артистот на ова дело, туку се алудира на тоа дека артистот е анонимен. Друга негативна работа која би ја издвоил е дека неколку пати низ читањето на овој прилично краток, а прескап стрип, има реклами во големина од цела страна за бизнисите, школите, и фондациите на Andrew Tate. Најчудното е што рекламите се испринтани во ниска резолуција и се гледаат пикселите на сликите, што укажува на тоа дека стрипов не е правен за да биде квалитетен, туку за да се направи што е можно поголема заработка од него, со најмалку вложен труд, по секоја цена.

Очигледно е дека стрипот не се сфаќа себеси сериозно, што всушност има позитивен и забавен ефект врз читањето. Во делови од приказната, Andrew Tate е прикажан како Neo од филмовите “Matrix” и може да стопира куршуми, и се бори против целиот систем персонифициран во еден негативец. Негативецот пак, е најбогатиот човек на светот со контрола врз сите медиуми и држави, и го мрази Andrew Tate бидејќи тој е единствениот човек на светот кој пробува да го порази и да ги ослободи луѓето кои негативецот ги заробил.

Поради тоа што стрипот брзо се распродаде, потврдено дека ќе има и втор дел од стрипот “TOP G: Breaking the Illusion”, а најавено е и дека ќе има нов серијал за Tristan Tate, кој ќе се вика “Talisman”. Баш ме интересира како ќе се развива приказната и дали ќе има зголемување или намалување на квалитетот. За крај, би кажал дека ова навистина не е добар стрип, а сигурен сум дека и самите уредници се свесни за тоа (не можам да кажам автори бидејќи е скоро сигурно работен од AI). Сепак, доколку успеете да стигнете до копија од првата едиција, ви препорачувам да си ја земете, бидејќи во иднина очекувам да може да се продаде по доста поголема цена.
Рецензијата е напишана од Војдан Андонов.
ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО