Денес е сабота, 20 април 2024
ПочетокФилмовиКомикс МК ексклузивно интервју со Сашко Потер Мицевски - Македонски филмаџија кој...

Комикс МК ексклузивно интервју со Сашко Потер Мицевски – Македонски филмаџија кој работел на Fantastic Beasts!

Наша особена чест е да разговараме со Сашко, филм ентузијаст и пост-продукциски артист кој работи на многубројни домашни и странски (холивудски) проекти!

Со нетпрение чекаме да го гледаме Fantastic Beasts: The Secrets of Dumbledore на утрешната премиера (14.04) во Cineplexx MK! Заедно со Сашко ќе бидеме присутни на настанот, очекуваме магична атмосфера, одлична дружба, многу посетители и уште едно фантастично издание од посветената франшиза на J.K. Rowling!
Знаеме колку оваа фан база е значајна и вредна па токму затоа сме доста возбудени и Ви припремаме наградна игра за викендов заедно со пријателите од Cineplexx MK, се гледаме во кино!
Пред да преминеме на ексклузивното интервју, Сашко сака да сподели слики, видеа и кратко мислење за филмот директно од светската премиера во Лондон која се одржа на 29.03!

Најмагичен од сите Fantastic Beasts до сега! Одговара на многу прашања од претходните филмови и Хари Потер серијалот, но отвара многу нови. Како и да е, уште една шанса да ги видиме авантурите на омилените ѕверки, Нифлер и Пикет!

Тој има работено во улогата на Assistant Sound Editor на првиот дел од франшизата, Fantastic Beasts and Where to Find Them (2016) а во прилог го проследуваме неговото присуство на светската премира на најновиот филм, Fantastic Beasts: The Secrets of Dumbledore (2022) – За која зборува многу повеќе во интервјуто подолу.
Сашко Потер Мицевски на светската премиера во Лондон

Сашко има и негов веб-сајт кој е наменет како портфолио на неговата богата кариера (заедно со Twitter, Instagram и IMDB профили).

https://sashkopotter.com/

Време е да прочитаме многу повеќе за животот и искуството на еден македонски филм артист!

 

  1. Кој е Сашко Потер Мицевски?
Сашко е (некој би рекле млад, но лична карта вели триесет и еден годишен) филмаџија што специјализира во пост-продукција [монтажа на слика и дизајн на звук]. Потер доаѓа мојот детски ескипизам, можноста да избегам од реалност и да се нурнам во волшебниот свет на Џ.К.Роулинг, преку филм и книга. Мицевски е фамилијарно презиме, со потекло од најчакнатиот град во Македонија – Штип.
Слободното време го трошам најмногу на работа на себе – периодов хит ми е одење во теретана, бинџање “RuPaul’s Drag Race” и читање книги за грчка митологија.
  1. Што значи да си Монтажер на слика и Дизајнер на звук?
Монтажа на слика подразбира склопување на слики, звуци, музики, говор и сѐ што може да послужи како изразно средство во филм/ТВ а доаѓа по снимање. Практично внимателно сервирање на гледачот на сите информации што ќе му влијаат при консумирање на една приказна.
Додека дизајн на звук (исто познато како монтажа на звук) значи носење на одлуки за креирање на аудитивен свет што ја поддржува визуелната страна на филмот и ја воздигнува, балансира или негира.
Јас во зависност од проектот ги работам и двете. Има проекти на кои сум монтажер на звук, (најчесто играни и анимирани) а има проекти на кои сум монтажер на слика (најчесто ТВ и документарни).  
Моментално работам како виш монтажер во компанија (OS Studios) која продуцира содржини за esports и гејминг индустријата, која е фокусирана на содржини за Gen-Z публика.
Независно од тоа работам и монтажа на звук во бившото тонско студио на Вардар филм (што беше неактивно 23 години но беше возобновено од моја страна, со дозвола од Вардар филм секако, но, никаква финансиска поддршка).

  1. Како започна твојата приказна во оваа уметност?
Мојата приказна со уметноста почна на 11 години – кога за да бегам од реалноста која ме опкружуваше како дете одев во кино. Помеѓу првите филмови кои ми приложија бегство во нов свет беа Harry Potter and the Philosopher’s stone, Austin Powers in Goldmember, Disney’s Tarzan. Како и секој филмофил – киното стана како храна за мене.
Одлуката да се бавам со монтажа беше најмногу поради тоа што нудеше спој на мои 2 главни сфери на интерес – информатика и филм. Па така сега имам професија што сублимира и двете сфери.
На 18 години се запишав на Факултетот за Драмски уметности на катедра за филмска и ТВ монтажа (во тоа време една од најдобрите катедри на факултетот), каде што студирав додипломски студии.
Пост-дипломски студии завршив на National Film and Television School во Англија, каде што животот во многу погледи ми се смени.
  1. Кои искуства би ги издвоил од твојата работа во улогата на Assistant Sound Editor за Fantastic Beast: The Crimes of Grindelwald?
Ова за мене дефинитивно беше реализација на детски сон. Волшебничкиот свет за мене беше првиот допир со филмската уметност – тој свет мене многу ми помогна да се развивам емотивно од детство кон тинејџерство па сѐ до возрасен човек. Голем дел од животните одлуки што ги носев како да водеа кон тој пат. Многу малце за жал работев на Crimes of Grindelwald некои 8-9 недели, но бев многу активно вклучен во почетокот на работниот процес, со разноразни истражувања и кон крајот на филмот кога веќе можев да дадам инпут на екипа како вистински обожавател на светот. Чест и привилегија ми е што запознав и работев со голем дел од авторската екипа на филмот (режисерот Дејвид Јејтс на пример). Премногу волшебен момент за мене беше кога зачекорив на виолетовиот тепих на премиерата на Crimes of Grindelwald во Лондон во 2018 година.

  1. Што значи да бидеш Монтажер и Супервизор на звук на најпопуларната македонска ТВ серија, Преспав?
Преспав за мене е македонскиот passion проект. Воопшто не е тајна дека јас сум голем обожавател на серијата. За мене Преспав е 3 месеци интензивна работа со лудо креативна екипа (и актерска и авторска). Тие 3 месеци за сите нас се месеци исполнети со МНОГУ смеа. Сите се бориме за подобра сезона, подобар производ и најбитно од сѐ сите уживаме во тоа што го работиме, а тоа допира до публиката. Како и секој проект се соочуваме со разноразни препреки што не ја интересираат публиката, но нас не предизвикуваат и ни помагаат да се развиеме во подобри професионалци. Јас сум монтажер на серијата, работам со режисери, продуцентот и голем дел на тим за пост-продукција што е исклучително битен за серијата. Сите стануваме свесни дека еден ден ќе заврши и таа бајка па максимално се даваме и уживаме во секој момент што ни го нуди работата на оваа серија.

  1. Си имал особена чест да работиш на Netflix проектот Mowgli: Legend of the Jungle, како е да работиш со најголемите филмски студиа во оваа брзорастечка индустрија?
Могли беше исто така убав проект и значителен проект за мене. Преку Могли практично се образовав и разбрав како функционира комплексна пост-продукција на звук на еден така огромен проект што имаше стотици аудио траки. Исто така ми беше првиот Dolby Atmos проект на кој имам работено!
  1. Какво е чувството да присуствуваш на светската премиера на Fantastic Beasts: The Secrets of Dumbledore во Лондон (29-ти март, 2022 година)?
Има чувства што не се опишуваат така лесно со зборови – но, еве ќе пробам. Добив покана за премиера на Secrets of Dumbledore бидејќи сум голем другар на франшизата, Warner Bros знаат дека сум голем обожавател, продукцијата што го прави филмот го знае истото па бев повикан да го видам филмот со сите ѕвезди во Лондон. За жал поради конфликт со други работни обврски не работев на овој дел, но сакам исто како да сум го работел. Бев многу релаксиран (за разлика од претходната премиера што ми беше прва) и уживав во секој убав момент што ми го понуди вечерта.
  1. Дали во Македонија може да се успее во оваа струка и дали за секој млад уметник во оваа индустрија е предизвик да работи во странство?
Тешко прашање со уште потежок одговор. Искрено мислам дека работа на блокбастери е невозможна во оваа чудна, ситна држава. За жал европскиот филм нема жанрови, сите филмови се некако слични, но сепак различни, а јас сум склон на жанровски филм (поготово фантазија). Работа за луѓе кои се бават во пост-продукција дефинитивно има. Мала средина е луѓето што се добри се знаат и бргу испливаат. Многу малце се тие неоткриени генијалци што не ги знаат луѓе. Ако ги има нека се пријават бидејќи се бараат луѓе за пост-продукција во државава!
За жал пост-продукцијата е на крај на работен процес на филм, каде што во голем дел од случаи буџетот е потрошен па се сведуваме на молење од страна на продукции за да се спаси филмот или да се заврши проектот, најчесто со рок и најчесто со безобразно ситен буџет.
Несомнено е дека некој помалце профитира од филм во оваа средина некој повеќе, али дефинтивно работници во пост-продукција се во посиромашниот дел од спектарот.
  1. Дали мислиш дека на нашата земја и фалат повеќе успешни филмски и телевизиски проекти?
Фалат среќни луѓе. Луѓето во држава се суштински несреќни и голем дел од нив живеат во мизерија, па стварно е тешко да се направи филм што отстапува од таа реална слика на општествово. Најчесто македонската публика се жали зошто Македонија била претставена како депресивна, сиромашна на филмови а одговорот е: бидејќи таква и е. Нереално е да се споредува македонската кинематографија со американска на пример и Холивуд.
А она што фали за подобар развој на оваа кинематографија е едноставно – да има помалце алчни луѓе.
10. Што би им препорачал на читателите на Комикс МК?
Би им препорачал на читателите на Комикс МК да пробаат да соберат храброст и да направат филм со суперхерој/и во Македонија.
ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ