Ви текнува порано кога на флипери ги игравме омилените тепачки игри? Епа повеќе не мора само да ни текнува, а тие што воопшто не биле родени во тоа време, сега ќе имаат шанса да искусат нешто безвременско!
“Marvel vs. Capcom Fighting Collection: Arcade Classics” е колекција на тепачки видеоигри во коja добропознатите херои и негативци од американските Marvel стрипови се сретнуваат со легендите на јапонските Capcom и Street Fighter франшизи. Спој на источна и западна култура во едно поинакво време.
Видеоиграта најпрво ќе дебитира во дигитална верзија на 12-ти септември за следните платформи:
-
Nintendo Switch
-
PlayStation 4
-
Steam
а во текот на 2025 и за Xbox One.
Физичката верзија ќе биде достапна од 22-ри ноември и ќе може да се набави во продавниците на Anhoch.
Колекцијата ги вклучува следните наслови:
-
X-Men: Children of the Atom (1994)
-
Marvel Super Heroes (1996)
-
X-Men vs. Street Fighter (1996)
-
Marvel Super Heroes vs. Street Fighter (1997)
-
Marvel vs. Capcom: Clash of Super Heroes (1998)
-
Marvel vs. Capcom 2: New Age of Heroes (2000)
А како шлаг на тортата од овие извонредни Arcade наслови е првиот проект на фантастичното партнерство помеѓу Capcom и Marvel, во далечната 1993 година дебитираше Side-Scrolling акционата видеоигра:
-
The Punisher (1993)
од која бевме доста позитивно изненадени за игра која дебитирала пред повеќе од 30 години.
Сите овие видеоигри се достапни во јапонска и американска верзија (можете да си одберете во менито пред почетокот на секоја игра.)

Благодарение на тимот од CD Media, имавме шанса да уживаме во овој наслов порано од целиот свет, па така како големи Marvel фанови и љубители на тепачки игри, сега ќе Ви го пренесеме нашето лично искуство.
Најпрво, самото вклучување на играта, менито, online, offline, co-op и останатите изненадувања и опции се доста едноставно и лесно претставени, во стилот „Пери-носи“ односно „Пали-играј.“

Второ, играта е за сите возрасти, генерации, фанови и casual уживачи, бидејќи сите ќе си пронајдат забава во различните опции за игра и најбитно од се, придонесува за одлична социјализација!
Би сакале да ја објасниме реченицата погоре малку подетално и на таков начин да дадеме осврт на нашето искуство.
Offline Play – Одличен за сите кои сакаат да ги играат приказните (односно различните нивоа) на секоја од игрите, да си ги пробаат силите со најразлични херои и негативци, некои добро познати, а некои не толку познати од кои бевме изненадени дека се во играта бидејќи имаат доста различен начин на тепање и тоа придонесува на разновидност. А конкретно одредени Marvel ликови кои се дел од играта на еден или друг начин, подолго време ги немаме видено, па така сега ни беа добредојдени да ги видиме и да се потсетиме на нивниот изглед, стил и приказна.

Во ниту еден момент не се почувствувавме досадно, кога ја играте приказната (односно нивоата) во истиот момент сте поврзани и фокусирани, искрено дел од нивоата (посебно последните) се доста тешки, вистински предизвик за тие што ги познаваат Capcom тепачките игри и вистинска прилика за учење на тие што се нови во овие игри. Има опции за подесување на нивото на играта (од лесно до тешко), како и опции за моќта на нападите, времето и слично, така што има простор за сите да напредуваат и да се радуваат. А тие што стварно сакаат да напредуваат, има и Training Mode во кој можете да ги вежбате потезите со вашиот лик и да ги следите командите кои ги давате.

Како што рековме, секој лик во секоја од игрите си има своја автентичност и потезите односно анимациите кои ги изведуваат се одликуваат само за секој поединечен лик. Пример играјќи со Venom во Marvel vs. Capcom: Clash of Super Heroes ни беше доста полесно поради фактот дека лесно ги научивме и се поврзавме со неговите потези, а во финалното ниво, играјќи со Captain America и Wolverine ни беше многу поефикасно за да го поминеме.
Исто така ни се допадна концептот на Marvel Super Heroes, игра во која има Infinity Stones и можете да ги користите и да го промените текот на рундата. За 1996 година овој концепт е навистина добро осмислен и изведен.

Нешто што ни падна на ум уште во првиот момент е фактот дека ликовите во сите од игрите изгледаат многу BADASS! Што мислиме под ова? Визуелно, гледајќи го костумот на Cyclops, Doctor Doom, Punisher, Spider-Man, Storm, Rogue Wolverine, Silver Samurai и уште многу други, ни го дава токму тој Comic-Book vibe на развиено тело, точна висина и ширина, убаво прикажани бои и контури, како и прекрасни анимации (со 8-bit чувство) и начини на тепање. Да Ви е мерак цел ден само да го учите Wolverine и неговото немилосрдно сечење со канџите! А Street Fighter ликовите како и секогаш си изгледаат стандардно добро, заедно со нивните различни стилови на тепање, добиваме доста можности за бирање со кого сакаме да играме. Cyclops и Wolverine против Ryu и Ken? Кој победува?

Одличен дел од овој Offline Mode е играта The Punisher (која може да се игра и во Online Mode), како за прва игра помеѓу Capcom и Marvel искрено би кажале дека да сме живееле во 1993 година, тоа за нас би било револуција. Доста интересна, брза, детална со приказна и достапност на разни предмети и оружја кои може да ги користите со ликот во играта. Исто така и оваа игра има опција за 2 играчи преку Co-Op Mode, еден е Punisher, а другиот е Nick Мадафакинг Fury!
Кога сме веќе кај 2 играчи, можеби еден од најбитните делови во играта е токму тоа, да се соберете со друштво и да се тепате еден против друг, без разлика во која од игрите, сите си носат посебна уникатност, а Tag Team стилот каде секој играч има по 2 ликови би рекле дека е доста интересен. Ве предупредуваме дека можеби ќе падне и по некоја караница од тој што губи, зависи какви другари и другарки имате, ние пример сме доста компетитивни, а оваа игра непречено ни дозволува да се забавуваме.

Online Play – Искрено бевме изненадени дека Capcom успеале да адаптираат доста добар и едноставен систем за онлајн играње. Можете да се натпреварувате во секоја од игрите, а како што споменавме и да играте The Punisher онлајн со некој друг човек во светот. Има опција за Casual Match односно лабаво играње против некој во светот, исто така има опција за Ranked Match каде секоја битка е битна и се рангира на светската листа, како и опција за Custom Match односно играње со пријатели каде секој е од дома или од различна локација.
Знаете што се Marquee картички? Ги има во сите игри и се селектираат во менито, тие картички имаат за задача да Ви објаснат како се игра играта и кои се командите, дизајнот им е доста cool и ретро. Меѓутоа тие немаат посебна функционалност бидејќи командите и потезите можете да ги научите со селектирање на Moves List каде е многу полесно објаснето, но се убави за гледање и не навраќаат на времето кога овие картички беа единствениот начин да ги научиш потезите за игрите на флипери.

Дополнително на овие Marquee картички има и по некое изненадување за вистинските Marvel и Capcom фанови, нема да Ви откриваме повеќе, но ќе се радувате на процесот како биле изработувани овие игри во нивните почетоци.

Заклучок: Колекција на видеоигри која е достојна за секого! Почнувајќи од самостојно уживање во тепањето, нивоата и ликовите, низ бескрајно играње и социјализирање на едно место со вашите пријатели, па се до oнлајн битки кои ќе Ви го разбудат натпреварувачкиот дух и ќе Ве натераат да бидете на врвот на светските листи. Игра која е задолжителна за секој љубител на Marvel, Capcom, Street Fighter и на тепачки наслови. Ние ја гледаме пред се како задолжителен Party-Game, исто како да ти дојдат дома гости а мајка ти да нема направено кифлици и благо. Замислете.
Немаме никакви замерки, одлично пренесена колекција на историски игри кои ќе продолжат да живеат со новите генерации.
10/10
P.S. Композициите во игрите и опциите да си ги слушате посебно се ОГАН! Комплетно го доловуваат стилот на ликовите и текот на настаните, kind of Retro, 8-Bit, Jazz Feeling.
*Би сакале да истакнеме дека оваа Review копија која ја игравме би можела да има технички разлики или други промени од конечниот производ.
© 2024 MARVEL ©CAPCOM




