Денес е четврток, 26 јуни 2025
ПочетокСтриповиТретото издание на меѓународниот фестивал „СТРИП ТРИП“ “ - од 6 до...

Третото издание на меѓународниот фестивал „СТРИП ТРИП“ “ – од 6 до 8 јуни во МКЦ Скопје

Третото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“ ќе се одржи од 6 до 8 јуни 2025 година во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје.

Главен гостин на фестивалот е реномираниот стрип-автор Рајнхард Клајст од Германија кој е познат во светски рамки со графичкиите биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв, и Џони Кеш, како и графичките романи „Боксерот“ и „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“. Клајст ќе настапи на „Стрип Трип“ со изложба, панел дискусија, цртачка сесија, како и уникатен цртачки перформанс со музичка придружба од Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ. Меѓународни гости на фестивалот се и реномираните стрип-автори Марко Дјешка од Хрватска, Марко Стојановиќ од Србија и Гани Сундури од Косово.
Рајнхард Клајст
Рајнхард Клајст изработи ексклузивен постер кој го претставува Дејвид Боуви некаде далеку во ѕвездите, бдеејќи над Скопје!
Македонски претставници на „Стрип Трип“ се Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Давор Драмиќанин, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев, и Стефан Николовски. Дополнително, на писателот и теоретичар Томислав Османли ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“ со која се препознава неговиот допринос кон македонското стрип творештво. Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип кои ќе се стекнат со низа финансиски и нефинансиски награди.
Томислав Османли
Програмата на „Стрип Трип“ вклучува три одделни изложби со стрип табли и илустрации на гостите и учесниците на конкурсот, а ќе се одржат и низа панели и презентации на некои од најновите домашни и регионални стрип изданија. Фестивалот вклучува и работилница за цртање стрипови со Здравко Гиров, цртачка „џем“ сесија со сите гости, поткаст во живо со Дебели Гикови, и низа други интерактивни искуства. Ќе бидат прикажани и долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, како и кратките анимирани филмови на Марко Дјешка. Диџеј сетовите на Костадин Шурбановски – Шурбе и Владимир Благојевиќ – Владодлак ја заокружуваат мултимедијалната програма. Повеќе детали и саатници се достапни на Фејсбук и Инстаграм профилите на „Стрип Трип“.

Покрај редовната програма, на 7 и 8 јуни со почеток од 12ч ќе се одржи стрип берза на платото на МКЦ на која ќе учествуваат следните издавачки куќи и продавачи на стрипови и друга графичка литература:
  • Бункер
  • Макстрипови
  • Стрип Квадрат
  • Арс Ламина
  • Темплум
  • Флип Бук Букс
  • Артконект
  • Гаврош
  • Катран Комикс
  • Парагонс Комикс
  • Крипто Комикс
  • Жарко Миловановиќ – Жбрц
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар. Спонзори на настанот се Гете Институт, Скопско Смут и Арс Ламина.

Ко-оргиназатори на фестивалот се стрип книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“, издавачката куќа „Стрип Квадрат“, и поддржувачи на македонската стрип сцена како „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“, „Дебели Гикови“ и „Катран Комикс“.
Фестивалот ќе биде отворен за сите посетители.

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО