Денес е среда, 25 февруари 2026
ПочетокГејмингResident Evil: Requiem - Рецензија без спојлери од Николај Јанушев

Resident Evil: Requiem – Рецензија без спојлери од Николај Јанушев

„Искрена и огромна благодарност до тимот на Anhoch и Capcom за ексклузивната можност да ја искусам Resident Evil: Requiem пред нејзиното официјално светско објавување. Како долгогодишен и посветен фан на франшизата, ова за мене не беше само рана рецензија, туку вистинска чест и лично исполнување. Да се вратиш во Raccoon City пред остатокот од светот е чувство што тешко се опишува со зборови.“ – Николај Јанушев

Resident Evil: Requiem е љубовно писно до сите фанови на серијалот. Новиот “Magnum Opus” на Capcom. Сѐ досега што имаат научено го имаат усовршено во овој нивни последен проект. Ова фантаистично дело е перфектната граница помеѓу стариот традиционален и акционен хорор. Покрај хоророт кој го пружа овој наслов, има огромен дел на мистерија и трилер. Requiem е искуство на емотивен шок во кое те лазат морници и низ целото играње ќе се прашуваш „Што е следно?
Реквием за мртвите, кошмар за живите.

Свет, карактери и приказна

Приказната во Resident Evil: Requiem се раскажува на поинаков начин од претходните наслови, многу подлабоко и со многу емоција… Овојпат настаните ги следиме низ очите на двајца протагонисти: новото лице во франшизата, Grace Ashcroft, и ветеранот на серијалот, Leon S. Kennedy. Наративата можете да ја проследите во прво лице или во трето лице, по ваш избор. 

Grace Ashcroft е аналитичар во FBI, личност која се губи во работата, фокусирана и тивка со лузна од минатото, убиството на нејзината мајка пред осум години. Токму поради тоа, случајот на која е назначена, е повеќе од обична задача. И покрај тоа што нејзиниот раководител Nathan Dempsey е свесен колку длабоко минато ја прогонува, сепак  работата и ја доверува на неа за серијата на мистериозни смрти случаи. Локацијата која треба да ја истражи, ја враќа токму на местото каде што нејзиниот живот засекогаш се променил.

Во приказната се вклучува и Leon S. Kennedy, еден од преживеаните од инцидентот во Raccoon City. Личност со долгогодишно искуство во борба против биотероризмот. Како искусен агент, тој е испратен да ја истражи истата низа на мистичните смртни случаи во Midwest, особено откако се појавува информација дека исчезнал полицаец поврзан со случајот.

Паралелно со нив, како главен осомничен се споменува Victor Gideon, личност со мрачно минато, поврзана со Т-вирусот во рамките на Umbrella, фармацевтската компанија која стоеше во срцето на трагедијата во Raccoon City.

Низ целата нарација постојано се чувствува тензија што не попушта. Ритамот на откривање на информациите е внимателно дозиран, па секој нов детал отвора уште повеќе прашања отколку што дава одговори. Имав чувство како да следам психолошки трилер во стилот на Se7en со густа и мрачна атмосфера исполнета со постепено градење на мистерија наместо со евтини шок-моменти.
Особено внимание ми привлече поимот “Elpis“, мистериозен термин што се провлекува низ приказната. Намерно останува во сенка и токму таа недореченост создава дополнителна тензија. Без да открива премногу, играта го користи како суптилен наративен мотив што постојано ти стои во мислите.
Requiem не се плаши да ја остави тишината да зборува. Главен доминантен фактор е неизвесноста, и токму затоа секој следен чекор е се пожежок и пожежок.

Гејмплеј 

Со самото стартување на играта, веднаш ви се нудат два начина на игра: Стандарден (Модерен) и Стандарден (Класичен).
Модерниот начин нуди балансирано искуство во стилот на новите Resident Evil наслови, додека пак класичниот начин е наменет за ветераните на серијалот. Ресурсите се значително поограничени, непријателите посмртоносни, а зачувувањето на играта бара ink ribbons. Да, вратени се ink ribbons. Auto-save системот е силно лимитиран, но не и целосно исклучен. Традиционално за серијалот, по првото поминување се отклучува нов мод кој ја зголемува тежината на едно повисоко и брутално ниво.

Покрај изборот на тежина, играта ви дозволува целосна слобода во однос на перспективата, прво или трето лице. Можете да комбинирате како сакате, со кој лик и од која перспектива да ја искусите нарацијата. 
Лично, идеалната комбинација ми беше прво лице со Grace, а трето лице со Leon. Причината е едноставна: во прво лице со Grace искуството е значително поимпресивно и поинтензивно. Стравот го чувствуваш директно, без дистанца, како да си ти во таа ситуација. Во трето лице, пак, постои одредена оддалеченост; гледаш како некој друг се плаши, што го прави искуството малку помалку интимно.

Сепак, трето лице нуди суптилни анимации и детали, што првото лице не може да ги долови. Начинот на кој Grace се сопнува кога паничи, нејзиното движење додека бега. Двете перспективи имаат свои предности и навистина вреди да се пробаат. 
За потребите на оваа рецензија, успеав да ја поминам играта шест пати во различни перспективи, со двата карактера, без користење зелени хербови и на сите достапни модови: Модерен, Класичен и новиот отклучен брутален мод. 
Особено морам да ги издвојам зомбињата кои во Requiem имаат различни карактеристики. Некои од нив се фиксирани во навиките што ги имале додека биле луѓе. Други имаат аверзија кон светлина и компулсивно ќе ги гасат светлата околу вас. Делуваат како да се заглавени во некое лимбо, заробени меѓу животот и смртта, но сè уште врзани за навики од минатото. Наместо фиксни непријатели, играта нуди над 100 различни зомби варијации со различни карактеристики на однесување, што значително ја зголемува атмосферата.
Гејмплејот со Grace е чисто survival horror искуство. Лимитиран inventory, ретки ресурси и непријатели што претставуваат закана во секој момент. 
Со Grace е воведен и нов механички систем, собирање на микро-дози крв, кои подоцна можат да се искористат за создавање на предмети кои ти помагаат да преживееш во оваа хорор авантура. 

Гејмплејот со Leon од друга страна е во сосема поразличен ритам. Побрз и поакционен. Вистински хорор, но не за вас, туку за зомбињата. Се чувствува дека ова е човек кој има видено сè и на прв поглед ситуацијата му делува како еден обичен вторник. Или можеби не?

Со Leon повторно е присутен познатиот куфер-систем за менаџирање на inventory, инспириран од Resident Evil 4. Егзекуциите и различните стилови на довршување на непријателите носат исклучително ЗАДОВОЛУВАЧКО чувство.
Визуелно играта изгледа феноменално. RE Engine на Capcom повторно се покажува на врвно ниво. На PlayStation 5 (базичната верзија) оптимизацијата е одлична, а графиката создава една тенка линија помеѓу реалност и видеоигра.
Аудиото е подеднакво импресивно. Зомбињата понекогаш можат да се слушнат како шепотат или мрморат. Секој звук, чекор, шкрипење врата, придонесува кон морничавото чувство што постојано ве следи.
Гласовната глума е на високо ниво. Особено се истакнува Angela Sant’Albano во улогата на Grace, изведба што одлично ја доловува траумата, стравот и внатрешната борба на ликот.
Од друга страна, Nick Apostolides повторно го носи Leon со препознатлива самодоверба и стабилност, прикажувајќи го како искусен агент кој зад смирената надворешност сепак носи тежина од минатото.

Финално мислење

Resident Evil: Requiem е најсилниот наслов во серијалот. Со мистериозна и извонредно раскажана приказна, усовршен гејмплеј и локации што будат силна носталгија, ова е игра што ќе ја обожаваат сите фанови на франшизата, а особено ветераните.
Преполна со носталгични моменти и внимателно откриени тајни, Requiem не само што го почитува своето минато, туку и храбро го надградува. Ова е наслов со голема претеденција за „Игра на Годината“, игра за која ќе се зборува долго по нејзиното излегување.

И запомнете: добредојдовте назад во Raccoon City.

Ова е Resident Evil: Requiem.

Оценка: 10

ПОВРЗАНО

ОСТАВИ ОДГОВОР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име

- Реклама -

НАЈПОПУЛАРНО

ТАЗЕ КОМЕНТАРИ